Поразот на американските интелектуалци

Победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори предизвика целосна вчудовиденост кај интелектуалната елита, длабоко загрижена поради погрешниот избор на народот. Наместо да размислат за причините за привлечноста на „антиелитистичката“ и „протестна“ политичка реторика, многу коментатори се посклони да заклучат дека проблемот не е во системот и досегашните политики, туку во народот, кој не ги разбира.

Изборите во Соединетите Држави се едни од ретките што имаат толку брзи глобални последици. По победата на Доналд Трамп, мексиканскиот пезос драстично падна, во Франција порасна цената на станбените кредити, Европската комисија го олабави буџетскиот притисок, изборите анкетари и аналитичарите се посрамени, она малку кредибилитет што сè уште го имаа медиумите е блиску до исчезнување, Јапонија доби поттик за повторно вооружување, Израел очекува преселување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, а транспацифичкиот трговски договор (ТПП) е мртов.

Овој вител од настани поттикнува медиумско промислување на разни сценарија од кои се гледа длабока загриженост: ако човекот што е речиси универзално опишан како неспособен и вулгарен можел да стане претседател на САД, тогаш, од тој момент, сè е можно. Последиците од американските избори врз другите земји и повторувањето на слично сценарио на некое друго место со тоа се чини повеќе можно, бидејќи овој неочекуван исход и те како го забележа и светската јавност, а не само експертите за надворешна политика.

Во последните десетина години имаше многу слични изборни изненадувања. Речиси по правило по нив следуваа неколку дена каење кај неочекувано поразените претставници, а потоа мирно продолжување со политиките што гласачите јасно ги отфрлиле. Издржливоста на недоразбирањата од овој тип – или повторувањето на таквите игри – донекаде може да се разбере низ фактот дека повеќето протестни гласачи живеат далеку од главните центри на економската, финансиската, но и уметничката, медиумската и академската моќ. Њујорк и Сан Франциско ѝ дадоа силна поддршка на Хилари Клинтон, Лондон минатиот јуни убедливо гласаше против „брегзит“; пред две години, Париз на локалните избори ја избра левицата, иако на национално ниво победи десницата. Штом ќе поминат изборите, „успешните луѓе“ продолжуваат да управуваат во пријателско опкружување, водени првенствено од препораките на медиумите и на Европската комисија. На крајот на краиштата, тие секогаш можат да ги релативизираат резултатите од изборите повикувајќи се на психолошките или културните недостатоци на протестните гласачи, кои го дискредитираат нивниот гнев. Таквите гласови, во најдобар случај, се сведуваат на последица од манипулацијата на демагозите.

Овој тип на осудување на протестните гласови има долга историја, особено во културните кругови. Така, не е чудно што анализите на Трамповите избирачи како „авторитарни личности“, кои со месеци се промовираат во медиумите, изгледаат скоро како копија на „психолошките портрети“ што чуварите на интелектуалниот ред ги изработувале за да ги илустрираат симпатизерите на „субверзивната“ десница, но и левица, за време на Студената војна. Анализирајќи ја конзервативноста на работничката класа – навидум поизразена од онаа кај средната класа – американскиот социолог Сејмор Мартин Липсет уште во 1960 година заклучи: „Накратко, личноста произлезена од работничка средина често е изложена на казнување, недостиг од љубов и, генерално, на напната атмосфера и агресивност уште од детството, а тоа знае да создаде длабоки чувства на агресија, кои се изразуваат како етнички предрасуди, политички авторитаризам и религиски миленаризам“.

Во април 2008 година, осум години пред Клинтон да ги нарече 62-та милиони гласачи на Трамп „шака бедници“ (basket of deplorables), Барак Обама парадоксот на поддршката за републиканците кај работничката класа му ја припиша на феноменот на гласање против сопствените интереси: „за да ја изразат својата фрустрација, (луѓето) се вртат кон своите пиштоли или религијата и омразата кон оние што не се како нив, кон непријателство спрема имигрантите или меѓународната трговија.“ Фрустрацијата наспроти разумот: интелектуалците и образованите луѓе, целосно уверени во совршената рационалност на своите одлуки, се шокирани од сите оние лицемери што не се согласуваат со нивната рационалност.

Тешко е да се најде подобар пример за она што социологот Пјер Бордо го нарече „расизам на интелигенцијата“ – сè почеста појава кај неолибералната левица, но и кај голем број интелектуалци и радикални академици – од коментарот на американските избори што се појави на страницата на угледното списание Форин полиси. Дури ни кога самиот наслов – „Трамп победи зашто неговите гласачи се буквално неписмени“ – не би ја открил веднаш поентата, останатиот дел би го отстранил секој сомнеж: „Демократијата се стреми кон утврдување на народната волја. Но што се случува кога народот не знае што да прави?“.

Како и обично, аргументацијата е кобожем поткрепена со прецизни бројки и податоци и категорични ставови. Авторот, професорот по филозофија Џејсон Бренан, користи остри зборови: „Конечно дојде до тоа, Доналд Трамп отсекогаш имаше голема поддршка од необразованите и неинформираните белци. Испитувањето на Блумберг политикс покажа дека во август Хилари Клинтон имаше огромна предност од 25 отсто во категоријата на универзитетски образованите гласачи. Спротивно на тоа, на изборите во 2012 година истите гласачи му даваа предност на Барак Обама пред Мит Ромни, но со значително помала разлика. Пред некоја вечер доживеавме нешто историско: фестивал на глупоста. Никогаш порано образованите немаат толку едногласно отфрлено некој кандидат. Исто така, никогаш порано необразованите го немаат толку едногласно поддржано истиот.“

Бренан се чини повеќе задоволен отколку вознемирен од тој антидемократски заклучок. Поткрепен со резултатите од политиколошките истражувања во последниве „повеќе од 65 години“, цврсто е уверен дека „застрашувачкиот“ недостиг од знаење кај мнозинството гласачи целосно го дисквалификува нивниот избор: „Во принцип тие знаат кој е претседател, но ништо повеќе. Тие не знаат која партија го контролира Конгресот, што воопшто Конгресот неодамна изгласал и дали сега економијата е во подобра или во полоша ситуација.“

Секако, ова не се однесува на сите гласачи. Оние што имаат право на мислење се факултетски образовани, па биле републиканци или демократи. По некоја луда среќа или случајност, образованите луѓе како Бренан генерално се понаклонети кон слободна трговија, имиграција, намалување на дефицитот, правата на хомосексуалците, попрогресивната реформа на казнениот систем и поконзервативна реформа на социјалната држава. Очигледниот заклучок гласи: ако на тој 8 ноември победеа образованието и интелигенцијата, примитивниот и индолентен Трамп, „чија програма, ненаклонета кон меѓународната трговија и имиграцијата, му се спротивставува на консензусот на економистите на левицата, десницата и центарот“, никогаш немаше да може својот луксузен стан во центарот на Њујорк да го замени со Овалната соба во Белата куќа. Впрочем, на еден од своите митинзи милијардерот изјави: „Јас ги сакам необразованите луѓе“.

Но ако сето ова е вистина, како да се објасни фактот дека и Барак Обама, поранешен професор по право на Универзитетот во Чикаго, два пати го избираа милиони гласачи со мало или без никакво ниво на образование? Како да се оправдаат сите оние големи умови од Харвард, Стенфорд и Јејл што на Соединетите Држави им ја донесоа, на пример, Виетнамската војна, кои ја осмислија инвазијата на Ирак или го овозможија избивањето на најголемата финансиска криза од триесеттите години на минатиот век? Во суштина, анализите на американските избори што настојуваат да ја засилат недовербата кон моќта на расудување кај избирачите всушност пред сè го покажуваат духот на времето и поттикнуваат чувство на супериорност кај образованиот читател. Но тука лежи политичкиот ризик: во времиња на криза, „расизмот на интелигенцијата“, кој го привилегира владеењето на меритократијата, образованите и експертите, всушност, го подготвува патот за подем на оние што сакаат да владеат со цврста рака, а кои секако повеќе ги интересира индоктринацијата отколку образованието.

Просветлени лидери и загубен народ

Иако голем број коментатори се концентрираа на расистичката и сексистичката димензија на изборите, малку некој му обрати внимание на фактот дека, и покрај историската кандидатура на една жена за претседател, разликите во гласачките преференции меѓу мажите и жените останаа исти како и претходно, додека многу поголемите разлики меѓу гласачките преференции на црнците и белците се дури намалени. Режисерот Мајкл Мур, кој ја предвиде победата на Трамп, тоа и го кажа на МСНБЦ на 11 ноември: „Мора да прифатите дека милиони луѓе што гласаа за Барак Обама овојпат го сменија мислењето. Тие не се расисти.“

Левоориентираниот демократски претставник од Минесота, Кит Елисон, инаку црнец и муслиман, отиде еден чекор понатаму: „Немавме добар резултат ни кај Латиноамериканците и Афроамериканците. Значи тој обид целата вина за поразот на демократите да се префрли на белата работничка класа е погрешен.“ Елисон сега е кандидат да ја води Демократската партија, која сака да ја насочи „подалеку од идентитетските политики“. Тоа го сакаше и Берни Сандерс, а Елисон беше еден од ретките членови на Конгресот што го поддржаа на предизборите. Обраќајќи им се на студентите, Сандерс за време на кампањата рече: „Не е доволно да му се каже некому: жена сум, гласајте за мене. Не, тоа не е доволно. Она што ни треба, тоа е жена што е доволно храбра да му се спротивстави на Вол стрит, на осигурителните компании, на индустријата на фосилни горива.“ Со оглед на фактот дека американските универзитети се едно од местата на кои грижата за разноликоста беше заменета со грижа за рамноправноста и на кои културните предрасуди не се ретки, не мора да значи дека Сандерс тропал на отворена врата.

Но се чини без успех, бидејќи за добар дел демократи секој гласач секогаш ѝ припаѓа на некоја од групите што никогаш не се економски одредени. Затоа, ако црнците гласале против Клинтон, мора да се женомрасци; ако белците гласале за Трамп, мора да се расисти. Идејата дека, на пример, црнците можат да бидат индустриски работници, па им се допаѓа протекционистичката политика на републиканскиот кандидат, или дека белците можат да бидат богати даночни обврзници на кои им се важни неговите ветувања за намалување на даноците, никако не им паѓа на памет на демократските стратези.

Но оваа година нивото на образованието и висината на приходите ги одредуваа избирачките параметри повеќе од полот или бојата на кожата, односно тие варијабли најмногу се променија од последните избори. Во групата на бели луѓе без високо образование предностa на републиканците беше 25 отсто пред четири години, a на последните избори 39 отсто. Сè до неодамна, ниеден демократ не можеше да биде избран без таа демографска група. Сметајќи дека во американската популација има сè помалку бели работници, дека се распаѓа синдикалната инфраструктура и дека сè повеќе бели работници гласаат „погрешно“, некои демократи, чија стратегија се сведува на инсистирањето на темата на различноста, како да се привикнуваат на фактот дека засекогаш ги загубиле нивните гласови.

Тој политички феномен не е специфичен за Соединетите Држави. Говорејќи за студентите од двата брега на Атлантикот, италијанскиот историчар Енцо Траверсо тврди: „Никој од нив не се изјаснил како потенцијален гласач за Трамп. И сите главно го имаат истото објаснување: ‘ние сме културни, угледни, интелигентни – и богати’; тие другите, сељаците, наспроти тоа се ‘грди, валкани, зли’, да го цитирам славниот италијански филм (Brutti, sporchi e cattivi, 1976). Тој тип на дискурс некогаш го користеше националистичката десница кога ја опишуваше работничката класа. Наместо постојаното прозивање на „сељаците“, би било покорисно да се проба да се изгради некаков кредибилитет кај нив. Апстрактниот и неразбирлив дискурс на критиките сè повеќе се претвора во некој вид помоден радикален вербализам, кој воопшто не комуницира со луѓето во помалите градови или уништените делови од земјата, во кои, на пример, расте бројот на самоубиствата и каде што луѓето пред сè ги мачат егзистенцијални прашања.

Резултатот е една ситуација во која десницата успеа да го претвори антиинтелектуализмот во ефикасно политичко оружје, во сопствен културен идентитет. Во еден многу популарен леток, републиканците во 2002 година ја свртеа во своја корист стигмата „сељак“: „Повеќето жители на црвената Америка (бојата на републиканците) не знаат да ја разложат постмодерната литература, да ѝ дадат правилни упатства на гувернантата, да одберат ‘каберне’ со вкус на ликорис. Но ние знаеме ги одгледаме нашите деца, да споиме инсталации во нашите домови, да зборуваме за Бог со леснотија и едноставност, да поправиме мотор, да користиме оружје или електрична пила, да одгледаме аспарагус, да живееме мирно без алармен систем или психоаналитичар.“

Повеќето жители на „црвената Америка“ веќе не читаат печатени медиуми, кои Трамп ги нарече „расипани“, „корумпирани“, „неискрени“ и на кои редовно им се потсмева на своите митинзи. Со оглед на тоа дека постојано лажеше во текот на целата своја кампања, републиканскиот кандидат ги заслужи критиките од медиумите. Но вистината навистина не е универзална карактеристика на американскиот печат, а и не носи некој посебен профит. Ангажманот на медиумите во корист на Клинтон, како и нивното неразбирање на Трамповите гласачи, произлегуваше од нивните културни и социјални ограничувања. Колумнистот на Њујорк тајмс Николас Кристоф на 17 ноември на Фокс њуз објасни: „Проблемот на новинарството е да ги фаворизира сите видови различност на сметка на економската рамноправност. Не сметаме доволно на луѓето од работничките и руралните заедници.“ Иако оваа социолошка пристрасност редовно се документира и се коментира веќе четвртина век, малку е веројатно дека ќе исчезне утре.

Кандидатите „надвор од системот“ веќе не се двоумат да ја користат омразата што ја предизвикуваат во медиумите. Во Италија, Џузепе („Бепе“) Грило од американските избори извлече лекција за себе и за својата партија: „Велат дека сме сексисти, хомофоби, демагози и популисти. Не сфаќаат дека милиони луѓе веќе не ги читаат нивните весници и не ја гледаат нивната телевизија.“

Некои изгледа тоа сепак го сфатија. На каналот Франс интер поранешниот ПР-експерт Фредерик Бегбеде, сега писател и новинар, призна со резигнирана луцидност дека тој и неговата генерација го загубиле влијанието: „Минатата недела објаснував, целосно убеден, дека Трамп ќе ги изгуби претседателските избори. (…) Ниеден интелектуалец не можеше да напише нешто што би можело да ја спречи неговата победа. (…) Власта избрана од народот е единствената власт според која јас би сакал да живеам, но што знам јас за народот? Живеам во Париз, или сум во Женева; посетувам писатели, новинари, режисери. Живеам сосема одвоено од народот и од неговите проблеми. Тоа не е самокритика, туку едноставен социолошки факт. Патувам по земјата, но луѓето што ги среќавам се заинтересирани за културата – тоа е интелектуално малцинство што не ја претставува оваа длабоко револтирана земја“.

Калифорнија мнозински гласаше за Клинтон, која постигна спектакуларни резултати кај високообразованото население и во најбогатите делови на оваа сојузна држава, често речиси целосно населена со белци. Згрозени од резултатот, некои жители на Калифорнија бараат отцепување, односно „калегзит“. Гевин Њусам, заменик-гувернер на Калифорнија и бивш градоначалник на Сан Франциско, градот во кој Трамп доби само 9,78 отсто од гласовите, не го дели нивното мислење. Тој планира да се бори против политиката на новиот претседател со здружување со „просветлените лидери“ на Западот. Единственото нешто што му преостанува е да ги најде.

Серж Халими
Le Monde Diplomatique

Објавено на Off.net.mk

 

Текстови од истата категорија:

Welcome to NetMkd!

Be the first to comment

Leave a Reply

Read more:
ИСКРЕНО CV

Комплетно не сум подготвен за работа под притисок, како и прекувремена работа, освен ако за тоа не сум дебело платен....

Close