Семе

Некој успешен директор остарел и сфатил дека дошло време некој да го замени. Наместо сам да го избере својот наследник, одлучил да направи нешто невообичаено. Ги собрал сите потенцијални кандидати и им го кажал следното:

„Драги пријатели, дојде време некој од вас да ме замени. На сите ќе ви дадам по едно семе. Сакам да го посадите и по една година да го донесете тоа што ќе израсне. Тогаш ќе одлучам кој ќе биде мојот наследник.”

Еден од присутните бил и Павел. Тој своето семе го посадил во една саксија и со голема љубов редовно го полевал и се грижел за него.
По неколку недели некои негови колеги почнале да разговараат како веќе нешто почнало да никнува од нивното семе, но кај Павел ништо не се случувало.
Како што поминувало времето се повеќе се зборувало за тоа колку убави растенија изникнале кај сите останати, но само кај Павел немало никаков резултат. Тој бил разочаран, но продолжил упорно да го полева посаденото семе и не се откажал до самиот крај.

Поминала една година и директорот ги собрал сите кандидати. Сите донеле саксии со убави растенија и само Павел донел празна саксија. Павел бил многу исплашен од можната реакција на директорот и дури се плашел и дека може да ја изгуби работата поради својот неуспех.

Директорот ги погледнал саксиите на сите кандидати и на големо изнедадување објавил дека го избира Павел за свој наследник.

Останатите кандидати почнале во неверување да негодуваат и побарале објаснување од директорот.

Тој им го кажал следново:

„Пред една година на сите ви дадов семе од кое ништо не може да никне. Кога видовте дека ништо не никнува, секој од вас одлучил семето да го замени со ново семе. Секој од вас освен Павел. Сите ми донесовте растенија и цвеќиња од некое друго семе, а не од моето. Единствено Павел гордо го прифати неуспехот и имаше доволно храброст да ми донесе празна саксија. Сите вие по секоја цена баравте успех, а на Павел чесноста му беше поважна од успехот. Поради тоа тој од денес е новиот директор.”

И продолжил:

„Ако посеете чесност, ќе ожнеете доверба.
Ако посеете добрина, ќе ожнеете пријателство.
Ако посеете понизност, ќе ожнеете вистинска големина.
Ако посеете едноставност, ќе ожнеете трајна радост.
Ако посеете отвореност, ќе ожнеете почитување.
Ако посеете верност, ќе ожнеете успех.
Ако посеете простување, ќе ожнеете помирување.
Ако посеете искреност и љубов, ќе ожнеете вечна радост и среќа.
Затоа пазете што сеете, бидејќи тоа ќе одреди што покасно ќе жнеете.”

Текстови од истата категорија:

Welcome to NetMkd!

Be the first to comment

Leave a Reply

Read more:
Што е ништо, а што е се?

Еден ден жената побарала нејзиниот маж да ѝ купи чешел за да ја исчешла својата коса. Мажот чувствувајќи жал ѝ...

Close