За полуинтелектуалците од високата средна класа

Овие полуинтелектуалци од високата средна класа се самоперципираат како културна елита, па снобовски меѓусебно се дружат, меѓусебно се самофалат, меѓусебно малограѓански се глодаат и оговараат и меѓусебно се лажат и крадат

Ништо не е победно и повеќе вредно за презир од нашите елитни малограѓански снобови. Постсоцијалистичката состојба на економска, социјална, образовна и морална инволуција и нарушеност, кај нас произведе безмерно многу ситни души и ограничени мозоци сред новоформираната буржоаска средната класа. Тие се оние полуинтелектуалци околу нас кои со неолибералната мерканталистичка и вулгарна филозофија на живеење и мислење, агресивно го напаѓаат персоналниот идентитет на сите околу нив. Оние болно нарцисоидни безрбетни полжави, кои сопственото банално преживување, или лигаво живеење на ниво на задоволување на основните животински инстинкти, го издигнале во врвна егзистенцијална цел на универзумот.

Нејасен, злобен, површен

Преоптоварени со хиперматеријална култура на Западот, нашите полуинтелектуалци од високата средна клас се индоктринирани со некакви „големи мисли“ произведени од суровиот и антихуман неолиберализам, а кои, всушност, не се ништо друго освен скудоумен комплот од идеолошки догми за американскиот сон и за капиталистичката квазислобода. Наместо вистинољубиво, хумано, јасно, едноставно, доследно и чесно гледање на нештата и настаните, денешниот наш малограѓански полуинтелектуалец од високата средна класа е нејасен, непотребно комплициран, превртлив, раскалашен и злобен во однесувањето и конфузен и површен во мислите и ставовите.

Нашите полуинтелектуалци од високата средна класа спечалиле тук-таму некакво знаење, кое е смеса од површности и искривоколчени сознанија за нештата околу нас и во нас, па редовно одат во крајности и папагалски ги повторуваат фразите и „вистините“ кои лешинарска неоколонијална пропаганда постојано ги произведува преку плиткоумните медиуми, консумирачката култура, подмитената наука, корумпираната религија…

Овие полуинтелектуалци од високата средна класа се самоперцепираат како културна елита, па снобовски меѓусебно се дружат, меѓусебно се самофалат, меѓусебно малограѓански се глодаат и оговараат и меѓусебно се лажат и крадат. Сите в ред се со никакви таленти и знаење, празна свест и мртва совест, ама, многу често, врз основа на семејно добиените наследни богатства и професионални положби, „успеваат“ да се дозбогатат и – дооглупават. Имено, нивната лакомост, исто како и нивната глупост, па таквите особини, заедно со нивната целосно изместена и нарушена аксиолошка скала, многу често, ги водат овие наши „елитни“ сезнајковци во криминал и декаденција. И затоа, нив често можете да ги сретнете во повисоките ешалони на политичките партии. Тука нивната „способност“ за денунцијации и сплеткарења особено доаѓа до израз. Токму тие, често се „најснаодливите“ кои секогаш успеваат. Тие се оние кои редовно во последен момент, успеваат „да го променат дресот“ во кој играат и да го „облечат дресот“ на победникот.

Ментални и морални инвалиди

Секако, цената што ја „плаќаат“ во вид на ползење, коленичење, понижување пред партискиот лидер, или неколкуте врвни партиски функционери, нив воопшто не им смета и не ги загрижува, бидејќи нив единствено ги интересира профитот, а фактот дека за сите други тоа е полтронско губење на достоинството, нив воопшто не им пречи оти тие такво нешто не поседуваат и, сосема нормално, не може да го загубат. Затоа, никој умен не би смеел да биде изненаден што овие празноглавци успеваат да се претворат во „ѕвезди“ на политичката или културната естрада, но секој нормален треба да ги презира и избегнува.

Во време во кое не зафати бела чума, време во кое мнозинството е робовски експлоатирано, во време во кое многумина се рудари по контејнерите или, едвај, врзуваат крај со крај во месецот, во време кога широко е распространета духовна мизерија, во време кога луѓето имаат илјада лица и ги кријат со маски, во време на изразена интелектуална плиткост, во време на клерофашистички вредности, во време на здравствени катаклизми, рамнодушно и немо да се гледаат нашите македонските полуинтелектуалците од високата средна класа е рамно на интелектуално предавство и ментален мазохизам.

Наспроти тоа, човек треба со нив да се бори и гласно за нив да зборува, треба да се обиде да ги разголи овие ментални и морални инвалиди, кои како некаков страшно инвазивен карцином го разјадуваат здравото, креативно и плодоносно, човечко ткиво, а сè со цел да се изолираат во карантин за опасни болести и да се отстрани нивното погубно влијание.

Автор:

18.12. 2020 година, Слободен печат