Сине

Сине,
денес ги стопив оние страшни ножици со кои несвесно ти ги сечев крилјата.
Ни сам не знам како се нашле кај мене,
но знам дека не се од моите мајка и татко
Го побарав и она мое небо,
сето беше прашинлаво,
на некои места поткинато,
но сѐ уште е живо и бескрајно.
Ги најдов и моите крилја,
не се исти какви што беа.
Недостигаат неколку пердуви,
а некои се пресечени до пола,
но има и такви кои се цели,
вистина, не се така волшебни
какви што се твоите,
но сѐ уште мирисаат на слобода.
Сине,
денес го истопив и оној страшен кафез
во кој понекогаш те оставав
за да се привикнеш на животов,
да те научам за новото утре,
но не било така,
еве јас сѐ уште не се привикнав на истото,па како би можел тебе да те научам.
Прости ми.
Од него излеав долга прачка
и ја закачив над влезната врата
од нашиот дом,
па секогаш кога ќе влегувам и излегувам,
да ме шиба по главата за да ме потсеќа
на тоа што несвесно сум сакал да ти го сторам.
Прости ми сине,
а сега летај и сонувај
и јас ќе летам околу тебе,
Понекогаш повисоко, над тебе
за да целиш повисоко,
Понекогаш пониско, под тебе,
да се спуштиш пониско,
за да не ми те залажат некои висини,
дека таму е големината.
А понекогаш ќе летам крај тебе,
за да знаеш дека никогаш не ќе си сам
дури и кога ќе бидам зад тебе.
Живеј сине и не буди се од сонот на слободата!
Сонувај и разговарај со ветрот,
летај со птиците,
слушај ги цвеќињата и тревата,
прегрнувај се со реките и морињата,
со луѓето тоа нема да го доживееш.
А штом ќе натежне некоја лесна тежина,
не плаши се, тоа е љубов.
Таа мора да излезе од тебе за да имаш место за нова,
тогаш само посеј ја над луѓето,
некои ќе знаат што е тоа,
па можеби и тие ќе полетаат повторно.
Лет
Фото. Maja Argakijeva

Comments & Your reaction to the content

Come and join to kolevi.mk!!!

Comments

No comments yet