Да даде господ лајк да не видиш

Новиот бран желби и честитки што масовно се упатуваат кон одредени професии, соседи или, пак, најразновидни опоненти како израз на некое незадоволство или завист кон нив, при секојдневната вербална комуникација меѓу граѓаните, како и онаа по социјалните мрежи.

Станува збор за своевиден феномен, нераскинлив дел од македонскиот начин на живот со векови. Тој не потпаѓа под таканаречениот вербален деликт и не му дава право на оној кому му е упатена да бара судска сатисфакција. „Наклеветениот“, пак, единствено што може да направи во своја одбрана, а да не ја мине тенката линија меѓу клетвата и забранетата навреда, му останува да врати со некоја креативна зборовна формула од ист ранг. Се разбира кон оној што му посакал „да му цркне алансер“, или парите од сообраќајна казна да им се најдат за венец на шефот.

Реалноста укажува дека колку и да се стремиме како општество да живееме и да се однесуваме според високи цивилизациски норми и стандарди, сакале да признаеме или не овој феномен се појавува во секој муабет. Оти ретко кој ќе се воздржи да не го проколне сообраќаецот што му напишал казна, вработениот во пајак-службата што му го однел автомобилот, бидејќи не се паркирал прописно или, пак, инспекторот што му го затворил дуќанот. Без разлика дали сме свесни за нашата вина или, пак, сме убедени дека сме во право, клетвата ќе падне и ќе биде сочна и креативна.

Оти тоа најверојатно е посилно од нас и мора јавно да го кажеме.
Вработените во пајак-службата, полицајците, комуналните редари, лекарите, инспекторите, политичарите, кажано со административен речник се таксативно наредени како некои од најнеблагодарните професии во Македонија, кон кои постојано летаат вербални дрва и камења. Според нашето мини-истражување, овие службеници се најчеста цел на граѓанскиот гнев. А не постои човек што не се нашол во ситуации каде што директно или индиректно учествувал во слушање  клетви фрлени кон сообраќајците, инспекторите, пајак-службите или, пак, вработените по шалтерите на државната администрација.

Клетвите кај нашиот народ, а и на Балканот според науката постоеле отсекогаш. Некои се злобни и малициозни, а некои пејоративни и креативни, што е навистина тешко да се воздржиш, а да не се насмееш.
Старите клетви од бабите како „црна рана да те изеде“, „бел ден да не видиш“ или „пусто името да ти остане“ се веќе демоде. Младите генерации имаат модификувани верзии, кои се приспособени на модерното време во кое живееме.

Инспекторите што се страв и трепет за дуќанџиите, имаат една од најнеблагодарните професии во државата. Клетви по нив се фрлаат секојдневно. Една од најсочните што ја пронајдовме беше „боже на оние што затвораат дуќани, затвори им ја куќата никогаш да не прогледаат. амин!“. Оваа клетва стоеше на излогот од фотокопирница веднаш до решението за затворање на дуќанот. Извршителите, како нова професија, веќе наголемо се влезени во современите клетви. Но засега само индиректно. Една од клетвите упатена по социјалните мрежи во кои тие имаат главна улога гласеше „извршител на врата да ти тропне, а ти дома да си“.

Сликата на обичниот граѓанин за вработените во јавна администрација е дека цел ден пијат кафе или играат „Солитер“, а ништо не работат. Најверојатно поради некоја неажурност, наидовме на клетва напишана на прозорец од шалтер. Таа гласеше „да даде господ ова да ви биде последно кафе“. А има една во форма на желба, што ни го привлече вниманието. Таа буквално беше напишана со овие зборови – „пет години во државна администрација да волонтираш и потоа да примат друг на работа, по рамковен“.

Политиката како и секаде во светот не е имуна на клетвите од граѓаните. Тие најчесто се наменети за обичниот народ, поретко за некој функционер, но конкретен политичар постојано е главен јунак во современите умотворби. Однапред се извинуваме што не можеме да ги напишеме сите, но на прво место според мини-анкетата што ја направивме кај колеги од повеќе новинарски сектори, примат доби оваа – „Амди на децата, часови по математика да им држи“. Политичките проблеми во државата се исто така содржина на некои од клетвите, кои можат најверојатно да бидат и позитивни, како што е „да си жив и здрав, да дочекаш да видиш кога спорот со Грција ќе се реши“. Ова сѐ почесто се користи во добронамерно честитање роденден или долг живот, наместо старата „да доживееш сто и една, а потоа ќе видиме“.

Исто така и лекарите и здравствените служби не се изоставени во новокомпонираните клетви иако како горенаведените не се наменети за нив. Некои од ваквите клетви се „Жан Митрев матичен да ти биде“ или, пак, „брзата помош, такси да ти биде“.

Клетви беа јавно фрлени и кон еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, од бабите-демонстранти, кои беа собрани пред инфоцентарот на ЕУ при неговата последна посета во Скопје. Тие исто така беа хит на социјалните мрежи иако беа од олдтајмерскиот репертоар. Една од најинтересните беше „да даде господ да не стигне кај тргнал“.

Ниту новинарите не се исклучени од клетвите. Уредник на една од македонските национални телевизии, познат меѓу другото и по својата желба да носи различни вратоврски, стана дел од македонските модни клетви, „да даде господ Латас кравата да ти избира“ гласи таа. За вкусови не се расправа вели академската средина, па оној кому му е упатена буквално може да ја сфати како позитивно така и негативно.

Македонските клетви се досетливи. Во намера да му се посака некому да заврши во затвор се вели „на следните избори во сабота да гласаш“ мислејќи на тоа дека затворениците секогаш гласаат еден ден порано од другите граѓани, а избори во Македонија секогаш се одржуваат во недела.

Свекрвите и снаите се како Хектор и Ахил, вечни непријатели во македонскиот фолклор и нивното непријателство не поминало незабележано и од младите снаи и јатрви. „Да даде господ свекрвата сто години да ти живее“ и „кој ти е крив што не се омажи кога Аеродром беше населба без свекрви“.

Љубовта понекогаш знае да биде искажана на чуден начин. Клетвите се некои од тие чудни начини на искажување љубов како што е старата македонска што можете да ја искористите ако вашата сакана се мажи со друг, „да даде господ оваа недела млада невеста, до недела млада вдовица, вгодина моја свршеница“. Љубовните врски исто така се некои од клетвите, некои се помодерни како што е „да даде господ бившиот без пудра да те види“ или „да се заљубиш во лажен профил“, а и за донжуаните што не веруваат во моногамијата постои „да даде господ швалерката трудна да ти остане“.

Од широкиот корпус на соседски клетви навистина не сакаме да навлегуваме во детали, оти изобилуваат со навреди, пцости и вулгарности. Онаа старата „да му цркне козата на комшијата“ е лесна категорија во однос на оваа што сѐ почесто се користи, а навистина има злобна конотација. Таа гласи „да паднеш од тринаесетти кат и да се фатиш за раб од тротоар“. Но да не должиме многу оти вакви бисери од клетви никнуваат како габи по дожд на социјалните мрежи секој ден.

Во Македонија клетвите се дел од фолклорот на народот и има најразлични верувања поврзани со нив. Се верува дека најтешки клетви се од родителите, братот, сестрата, а на кумот клетвата е од највисок степен, односно се вели „ако кум проколне ни три владици не можат да помогнат“.

Текстови од истата категорија:

Welcome to NetMkd!

Be the first to comment

Leave a Reply

Read more:
Како сте сигурни дека е 21-век?

Неколку факти, кои несомнено ќе ви потврдат дека живеете во современиот 21-ви век. Не дека е за фалење... ама... 1....

Close