Ноќ

Знам дека го читаш мојот текст и оваа ноќ. Пред очи ми е сликата како лежиш скаменет во својот кревет постелен со скапи постели, а над главата ти се закачени скапоцени слики кои се купени со гревови, а тагата е поголема што не ни знаеш за што се работи и кој воопшто ги насликал. Пред куќата ти е паркиран скапиот автомобил на кој сеуште и не си му се израдувал, иако секој ден се возиш во истиот. Нема радост во нешто што е купено од гревови и туѓи солзи пролеани.

Најтешки ти се ноќите. Тогаш секаде е тивко и ги нема оние секојдневни гмизавци и лигуши со вештачки, оптегнати насмевки врз своите маски, бидејќи тие лице немаат. Ги нема пред тебе за да се воодушевуваат и да те воздигнуваат сѐ повисоко и повисоко, за еден ден кога ќе паднеш, падот да биде фатален. И кога ќе акнеш на дното, сиот расплоснат и облеан во измет и крв, тие веќе ќе те имаат заборавено како и никогаш да не те виделе, како и да не си постоел.

Крај нема ноќва, нели? Нема, знам. А мене пак куса ми е. Веднаш заспивам и мирно спијам, ама не се донаспивам оти куса ми е и убава, а сѐ што е убаво кратко трае.

На почетокот промемите нема да бидат видливи ниту за тебе, ниту за тие околу тебе. Потоа ќе почне да ти темнее кожата под очите од несоницата која успешно те владее. Ќе добиваш нијанса на сивило, исто онакво какво што предизвикуваш кај своите жртви. Потоа ќе почнат брчките да се појавуваат како бразди среде лето кога никнуваат и кога сушата сѐ пеплосува. Забите ќе се ронат од меѓусебното триење што е предизвикано од нервозата, а усните сѐ повеќе ќе се лепат една за друга оти не ќе ти биде до смеење. Од тоа лепење и несмеење и од самата дехидрација, устата ќе почне да помодрува и да распукува.

Психата, која искрено и не ти била јака страна, ќе почне да попушта сѐ повеќе и повеќе и сѐ помалку ќе имаш самодоверба во себе.

Во еден миг ќе почне да се појавува мислата и желбата да можеш сѐ да дадеш за само и само да го напуштиш проклетиов круг и така сѐ да избришеш, но сепак богатствата да ги задржиш. Посакуваш сите гревови да ги снема како што го снемува изметот во шољата кога пушташ вода.

Ќе почнеш повремено да посетуваш цркви, надевајќи се дека таму ќе го пронајдеш мирот и спокојот, но попусто, туѓ ти е тој храм. Не знаеш како да се однесуваш на тоа свето место, па полесно ќе ти биде да го валкаш Неговото име, пишувајќи го и изговорајќи го јавно додека уништуваш туѓи животи.

Ќе почнеш да говориш јавно за своите успеси, бидејќи тоа болната потсвест ти го налага затоа што таму некаде во неа е запишано дека ти си безуспешен на сите полиња. Се почесто ќе ја земаш улогата дека си жртва и на тој начин ќе пробуваш да се оправдуваш пред себе за сите гнасотии што си ги направил, притоа непрестанувајќи да ги повторуваш истите. Постепено ќе почнеш да се криеш преку денот, кој ти е толку посакуван бидејќи ноќта те уништува како најлошата болест.

Бегајќи од својот грозен крај, ти не гледаш дека забрзано трчаш кон него и на крајот, бум!!!

Пак ноќ.
Долга и повторно неиздржлива.

Во неа ти и јас. Јас пишувам, а ти ме читаш. Мене куса и убава, а тебе бескрајно пеколна.
И додека ме читаш, јас веќе пловам длабоко, а кога ќе се разбудам, пак ќе речам дека куса била, оти сѐ убаво, кратко трае.

Мојата и твојата ноќ иако се во исто време, различни се и различно траат.

About the author: Kolevi. Mk Support
Секое семејство има своја приказна. Ова е нашата.

Comments & Your reaction to the content

Come and join to kolevi.mk!!!

Comments

No comments yet
Read more:
ЗВУКОТ НА ТИШИНАТА

ЗВУКОТ НА ТИШИНАТА Како пак да го слушам триесетсептемврискиот звук на тишината.Убав и моќен е како во песната на Сајмон...

Close