Отворено писмо до пратениците на СДС од проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

Причината за вакво обраќање до вас, пратеници на СДС, кои со невидена леснотија и срам, надвор од сите процедури, со прекршен Устав и закони успеавте да се дограбите до власта, потоа да го “изберете” Талат за претседател на Собрание, и сега да гласате “за” за Законот за јазиците во една крајно недемократска, антиделовничка, незаконска и неуставна постапка, со флагрантно прекршување на сите демократски вредности во кои секој ден се колнете, е вашата надмена, надредена, а во основа кукавичка реакција против сопствениот народ кој токму поради револтот што го чувствува кон вас и вашето неодговорно однесување реши директно и во лице да ви каже што мисли за вас.

Народот како што можете да видите не се крие од вас како што вие се криете од него!

Народот има храброст директно да се соочи со вас, гласно да ви каже што мисли за вас.
Спонтаната и неорганизирана од никого реакција на народот треба да ве загрижи, треба да ве замисли кај сте кинисале и по кој пат сте решиле да ја водите нашата држава.
Довикувањата што вознемирените граѓани ви ги упатуваат до вас пред вашите домови се КРИК за спас на своето, КРИК за одбрана на својата Татковина, КРИК против неодговорните политики и постапки кои вие ги водите, а кои сигурно нема да донесат до “едно општество за сите” како што лаже вашиот лидер Заев, туку ќе доведат до создавање на “поделено, нефункционално, поларизирано и парализирано општество и држава за сите”.
Патот по кој сте тргнале не е интегративен, туку дезинтегративен.

Политиките што ги преземате, и законите што ги носите не се европски, туку африкански.

Нека ми прости Африка за споредбата, понекогаш сме многу далеку и од африканските држави, но кога мислам на Африка вашите политики ги споредувам со времето на апартхејдот, кога граѓаните спасуваа глави од тоталитарните лидери и диктатури.

И таму и тогаш народот се самоорганизираше да се спаси од бедата, сиромаштијата и од диктатурата на власт.

Народот има право инстинктивно и емотивно да делува за да си го одбрани својот дом.

Вие со вашите политики ги рушите домовите на Македонците, ги уривате изградените мостови на соживот меѓу сите малцинства, и со политиката на издвојување на Албанците како повеќе важно малцинство од останатите, вие внесувате етничка нетрпеливост, омраза и различни аршини меѓу граѓаните.

Со вашето константно непочитување на Уставот, со вашето газење по владеењето на правото, со вашето продавање на државните и на националните интереси на Бугарија, Грција, Албанија и каде ли не се, народот повеќе не ве чувствува за свои пратеници, туку за туѓи, за одродени членови од својата заедница.

За таквиот однос кон вас вината не треба да ја барате во народот. Народот не е виновен.

Вие сте виновни!

Секоја акција враќа со конкретна реакција. Вашите антимакедонски акции, враќаат со македонски реакции.

А што мислевте и сонувавте вие, дека сте недопирливи, дека сте Богови кои само ќе трошат народни пари без никаква одговорност, дека нема да допре до вас граѓанската реакција за одродените и лажни демократски политики кои ги терате без пардон?

Гледаме вашето политичко насилство од 27. април останува се уште неказнето од Јавното обвинителство на РМ.

За разлика од вас, семејствата на нашите патриоти повеќе од 5 месеци се жигосани од вашите судии и обвинители како терористички!!!

Што мислите како им е лично ним, но и на нивните семејства, на семејствата на нашите Богдан, Игор, Митко, Крсте, Љупчо, Љубен, Владо, Жаклина, Горан, и на останатите соочени со обвинение за тероризам против сопствената држава само затоа што ја сакаат својата Татковина?

Што мислите како се чувствуваат нивните деца, нивните сопруги и сопрузи, нивните мајки?

Дали имате малку одговорност и емпатија кон овие наши патриоти и нивните семејства кои веќе половина година живеат во хорор, живеат во мизерија и неправда поради вашите хирови да се устоличите на власт по секоја цена?

Токму вие бевте политичките насилници кои ги испровоциравте граѓаните на емотивна реакција.

Што мислите дека вие со вашето непромислено и надмено однесување немате вина за 27.април, и сега за 14.март со насилничкото носење на законот за јазиците?

Или мислите дека сте власт па се може да ви пројде?

Не бе, пратеници, нема да ви пројде како што вие мислите.

Во Република Македонија ќе дојде владеењето на правото, во Република Македонија пак ќе се почитуваат и Уставот и законите, пак ќе имаме правна држава, пак ќе имаме економски успех и напредок ама овој пат за СИТЕ, а не само за вас одбраните!!!

Овој пат народот сам, без мешања од надвор ќе си ги избере СВОИТЕ НАРОДНИ ПРАТЕНИЦИ, а тоа верувајте сигурно нема да бидете ВИЕ!

Be the first to comment

Comments & Reactions

Come and join to kolevi.mk!!!

No comments yet
Read more:
НЕ МИ СЕ МЕШАЈ ВО МОЈОТ ЖИВОТ!

ВЕДРАНА РУДАН: НЕ МИ СЕ МЕШАЈ ВО МОЈОТ ЖИВОТ! Вие кои немате дете, ни дете од своето дете, немате идеја...

Close