РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ?

РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ?

САМО НА СУД!

Во меѓународното право, како впрочем и во европското и националното право, е утврдено дека сите спорови меѓу државите што произлегуваат од неисполнувањето на правните обврски на државите за меѓусебно почитување и разбирање, без разлика на видот или прашањето на спорот, треба да се решаваат пред суд, или пред арбитража (квази-судски орган).

Оттука, логично следи прашањето кој во државата, зошто и следејќи го кое меѓународно право дозволил спорот за името да остане заробен само во рацете на медијаторот Нимиц, односно на ниво на некакво пристрасно посредништво? Зошто до сега не е покренат судски спор, вон спорот за Времената спогодба?

Резолуцијата на ООН бр. 817 посветена на Македонија јасно укажува дека Македонија ги има исполнето сите услови утврдени во чл.4 од Повелбата на ООН да биде полноправна членка на ООН.

Прашањето за разликата што Грција ја има во однос на името Македонија не може, и не смее да се решава само на ниво на посредништво или медијација, бидејќи станува збор за ПРАВО НА МАКЕДОНИЈА ДА СЕ САМОИДЕНТИФИКУВА како што смета дека треба да се идентификува како држава, еднаков субјект во меѓународниот правен промет со сите останати држави.

Заштитата на сите права на државите, исто како и на луѓето, може да се оствари исклучиво и само пред СУД.

Никако поинаку.

Посебно во услови кога медијацијата што трае повеќе од 25 години не ги даде посакуваните/очекуваните резултати.

Во правото кога медијацијата не успева да ја заврши мисијата (да го реши спорот), работата секогаш се префрла на СУД.

Па така, наместо и натаму да се заплеткуваме во мешетарењата на Нимиц и на останатите душегрижници, дајте да поведеме судска постапка против Грција каде на цивилизиран начин, со правно издржани аргументи, со докази и факти еднаш засекогаш ќе се објасниме со Грците и ќе го одбраниме НАШЕТО ПОСТОЕЊЕ КАКО НАРОД И КАКО ДРЖАВА!

На Грција и одговара работите да останат вака, на ниво на Нимиц и неговите посреднички (не)капацитети.

Ние трпиме секојдневни штети од грчките каприци и шовинистички небулози, а еднаш во врска со Времената спогодба и нејзиното кршење од Грција го имаме добиено спорот против соседот (5.декември, 2011 година)..

Сите нормални држави споровите ги решаваат по судски пат, или по пат на арбитража кога постојат услови за тоа.

Зошто Македонија и во овој дел да биде исклучок!

Меѓународниот суд на правдата при ООН има надлежност да ги решава правните спорови меѓу државите во согласност со меѓународното право како и да дава советодавни мислења за правните прашања поднесени од авторизираните органи и агенции на ООН.

За оние што сакаат да прочитаат повеќе за работата на Судот еве и материјали.

автор: Тања Каракамишева-Јовановска

Објавено на Дудинка

24.02. 2018 година

Be the first to comment

Leave a Reply

Read more:
Вистинскиот пријател е …

„Вистинските пријатели се оние што се со нас кога ни се случуваат убави работи. Не подржуваат, се радуваат за нашите...

Close