ЗВУКОТ НА ТИШИНАТА

ЗВУКОТ НА ТИШИНАТА

Како пак да го слушам триесетсептемврискиот звук на тишината.Убав и моќен е како во песната на Сајмон и Гарфанкел. Ако тогаш, тука и надвор го споделија речиси две третини од граѓаните, денес, нивниот број е сигурно поголем.

На 30 септември 2018 година, ГО ЧУВ најгласниот македонски граѓански молк. Ќе го помнам навек како ден кога јасно и гласно го негиравме чинот на божемното барање одговор на веќе плебисцитарно позитивно одговореното прашање на 8 септември, 1991 година: „дали сте за самостојна и независна држава Македонија“.

БОЈКОТОТ беше логичен одговор на обидот на власта, во украдено или „позајмено“ НАТО-ЕУ руво од типот : „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, намерно нејасно и непрециозно правно формулирано, онакво какво што ниту едно референдумско прашање правно не смее да биде, да ја легитимира промената на името.

Сведоци сме на „најсрамното прашање во историјата на референдумите“, рече шпанскиот конституционалист, Карлос Флорес Хубериас за македонското референдумско прашање.

30 септември е ден на победата на граѓанската тишина над авторитарната и тоталитарна врева на скапо платениот оркестар, присобран ваму-таму, подготвен да свири по сечии ноти, под диригентската палка на ОНОЈ, кому не му е местото ниту горе, ниту напред, оти е врзан за сидрото, по сопствено признание.

Музичарите и слушателите глумеа задоволство од „големиот“ успех, преправајќи се, дека, од бурните овации, не го слушаат моќниот звук на тишината.

ДИК лаконски соопшти дека : „референдумската одлука не е донесена“, или поинаку кажано: „референдумот не е успешен“. „Победниците“, најпрво попаѓаа како прерано пожолтени есенски лисја.

Но, стигна странски абер дека преспанизацијата и разименувањето на Македонија, штом почнало, мора да се доврши , па макар и многу жртви чинело, не само во пари, туку и во право, правда и морал.

Телалите тргнаа со фанфари да објавуваат дека рефрендумот, иако неуспешен, сепак бил „успешен“ злоупотребувајќи „браворузно- лажна“ (не)уставна и (не)законска интерпретација. Авторитарниот конституционализам расцвета. Наместо, согласно член 30 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување, сите акти и активности, во рок од 60 дена да се усогласат со негативниот референдумски резултат, Владата, на очиглед на невидливиот и безгласен Уставен суд, си иницираше уставни измени по „ специјална“ постапка: уцени и закани на пратеници, подмитување, притворање/ослободување, персонализирано, наместо erga omnes амнестирање, измена на Кривичниот законик по мерка на обвинететите од коалициониот партнер, за да станат „ невини“ гласачи на уставните измени, за кои што беше потребно 2/3 мнозинство.

„Енвиронментот“ (Заев) го моделираа искусни и докажани фабрички работници, деноноќно, неуморно пополнувајќи го медиумскиот етер со приказни за „терористите“ и „ рушителите “ на уставниот поредок вербално линчувајќи ја „анти-европската“ опозиција, (дис)квалификувајќи ги неистомислениците како груевисти и ревизионисти, националисти и шовинисти, неспособни и неволни за компромиси!

Како да гледав екранизација на Солжењицовиот „ Во првиот круг“, или „ Признание“ на Артур Лондон, но и на „ Ревизор“ од Гогољ, „Сомнително лице“ од Нушиќ и „Водач“ од Домановиќ.

Политичките фабриканти, под полна пареа ја работат „СЕВЕРНО- МАКЕДОНСКАТА ФАБРИКА“, натпреварувајќи се кој повеќе пати ќе го изговори нејзиното име, уживајќи во своите петнаесет минути слава, на очиглед на апатичната домашна публика и збунетата меѓународна заедница , што здушно учествуваше во инжењерингот од непознат вид.

А, владеењето на правото? За нив е тоа реторичка фигура, а не modus vivendi. Тие не признаваат никакво меѓународно право, дури и кога предаваат за него. Кога јас, за време на претседателската трка, говорев за политика во границите на правото, тие ме обвинуваа за идеализам. Јас се повикував на Кант, а тие на Тукидит.

Сега знам зошто. Уште тогаш знаеле за „ Рекет“, па јас им делував како Санчо Панса, или Дулчинеа во нивната реал политика. Значи, макијавелистички се бореле за опстанокот.

Така, пред, за време и по претседателските избори , како во „ Пелопонеските војни“ загинаа сите политички доблести. Забревтаниот авторитаризам ја укина поделбата на власта, владеачките партии ги киднапираа и заробија слабите институции, промовирајќи западнобалкански карикатурален бонапартизам, елитистичкото (не)граѓанско општество МЕМОРАНДУМСКИ се сојузи со локалните и централни политичари, формирајќи блиски мрежи од трет вид, медиумите призведуваа екстра вести за многу пари, партизацијата ја уништи професионалноста, отворајќи авенија за криминал и корупција, јавните обвинители настапуваа на екраните, небаре во “CATS” на Бродвеј, судијките и судиите станаа ТВ звезди, заменувајќи ги рочиштата со светлечкиот екран, особено на квази судот или модерниот медиумски суд, попознат како 1ТВ, крем интелектуалците, попознати како „политички аналитичари“ се трансформираа во медиумски политичари, професорите трагаа по „ само вистина“ заедно со професионалните политичари …..

Не ви наликува ли сликава на РИМ, кога пропаѓал низ ВИНО И ИГРИ! Политика, само политика….

Ама, „пискотници се слушаат од Галичник во Река, што несреќа ги збра и мажите и жените, па гласи тажна ека…… Со месеци ја живееме приказнава .

Признавам, ми течат солзи денес, под притисок на наметнатите „северномакедонски“ фрустрации, ама претчувстувам крај на уште еден авторитарен режим, со желба да не се повтори!

Каде сме денес ? Се покажа дека доволно е Грција да го „реши спорот“ со вашето име за да ви дозволи да влезете во НАТО од геостратешки причини, но не е доволно вие да си го смените името до обезличување за да добиете датум за почеток на преговори за ЕУ. Доволно е Бугарија да ве турка во неисториските „нации“ за да ви подаде НАТО рака, но не е доволно вие да преговарате за вашата историја и да лицитирате кој е чиј!

Но, Копенхагеншките критериуми се цврсти демократски темели на ЕУ куќата. Не дека сите стари и нови ЕУ станари не градат бесправно и секогаш го почитуваат европскиот куќен ред, ама, сите повторуваат дека без владеење на правото, битка со корупцијата и криминалот, независно судство, квалификувана администрација, либерална економија, нема ниту пристоен национален, ниту сигурен европски дом…

Во очекување на датумот за почеток на преговорите, луѓе без знаење, дигнитет и интегритет, па дури и со вмешаност во криминал со чинење или нечинење, зборуваат за нов европски, историски почеток. Аман од ДОГОВОРНАТА партиска историја, во која се себеименуваат и себепрогласуваат за „историски“ личности.

А, ЕУ, а десетте позитивни препораки на Комисијата, а Советот? По тони „изедени“ моркови од политичките клептомани и по дузина искршени стапови по нас, граѓаните, редно е ЕУ, за да си го сочува кредибилитетот во однос на проширувањето, соочена со БРЕГЗИТ, да престане да се однесува ЕВРОМАНДАРИНСКИ и да им каже „ да“ на македонските граѓани, но и „не“ на олитичарите на власт, за да не ги охрабрува и поттикнува предизборно нивните ниски политички страсти.

Време е ЕУ да стави крај на „оригиналните“ проширувачки решенија за Западен Балкан , ако навистина сака да ни помогне да го прескокнеме РУБИКОН и да се осилиме против лажните домашни европски политички пророци.

Почитувани соборци – бојкотирачи на референдумот, сакани Македонци, граѓани – кантовци, со верба во правото, правдата и етиката, дома или надвор, го слушате ли звукот на тишината? Посилен е од нивната бука!

Гордана Силјановска Давкова

напишано за Expres.mk

29.09. 2019 година

About the author: Kolevi. Mk Support
Секое семејство има своја приказна. Ова е нашата.

Comments & Your reaction to the content

Come and join to kolevi.mk!!!

Comments

No comments yet
Read more:
За правната шизофренија

Читам, Јавното обвинителство ги прифати предметите на СЈО и ќе ги прераспределува. Во СЈО ја чекаат официјално одлуката на Јавното...

Close